Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе остане доследна на заштитата на македонскиот идентитет и корени во преговорите со Бугарија. Тој истакна дека овие прашања претставуваат црвена линија од која нема да се отстапи ниту милиметар.
Мицкоски упати критика за тоа што во 21-от век сè уште се негира идентитетот на историските личности и македонскиот народ.
„Во 21 век го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев. Во 21 век се уште македонскиот народ се соочува со овие предизвици за кои не би требало да се соочува. За жал наместо да се бориме за заедничка иднина, за подобра иднина ние се уште отвораме прашања од минатото и за жал дел од тие прашања со своите корени се во средниот век“, изјави премиерот по панихидата за 123-годишнината од смртта на Делчев.
Во однос на очекувањата за нова влада во Софија, тој не верува во брза промена на бугарскиот наратив кон Македонија.
„Ако ме прашате лично мислење не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив, очекувам истата таа да се вжешти затоа што се уште има структури и политички и општствени кај нас дома, кои што се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика“, нагласи Мицкоски.
Премиерот потврди дека Владата останува отворена за дијалог, но исклучиво на база на аргументи кои треба да бидат прифатени од двете страни.
