Премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше и се обрати на настанот по повод 82 години од депортацијата на Евреите од Македонија, каде беше оддадена почит на жртвите на една од најголемите трагедии во историјата на нашата земја.
Во своето обраќање, Мицкоски нагласи дека ова не е само ден на тага и сеќавање, туку и ден на предупредување, кога како народ и човештво потврдуваме дека никогаш нема да дозволиме историјата да се повтори.
Депортацијата на Евреите од Македонија: „7.144 животи беа згаснати – цели семејства, цели генерации“
Премиерот потсети дека пред Втората светска војна, Македонија била дом на динамична и просперитетна еврејска заедница, која била значаен дел од културниот, економскиот и социјалниот живот во земјата.
„Во март 1943 година, тогашната бугарска фашистичка окупациска власт, во координација со нацистичките власти, нареди апсење и депортација на македонските Евреи. 7.144 мажи, жени и деца беа насилно собрани и одведени во привремениот логор во Скопје, во објектот на тогашниот „Монопол“. Цела една заедница, цели семејства, цели генерации беа загубени“, истакна Мицкоски.
„Кога злото се шири, ако молчиме, тогаш тоа победува“
Мицкоски подвлече дека „кога злото се шири, кога неправдата се врши, кога насилството станува правило, ако луѓето молчат – злото победува“.
„Затоа, наша обврска денес, како и секој ден, е да зборуваме, да не дозволиме нови генерации да пораснат без да ја знаат вистината. Да не дозволиме омразата да најде ново тло за да никне, да се бориме против секоја форма на антисемитизам, дискриминација и омраза. Нашата должност е да ги учиме нашите деца дека толеранцијата, хуманоста и солидарноста се темелите на едно праведно општество и да не молчиме пред неправда“, истакна премиерот.
„Македонија е земја на различности – тоа е нашата сила“
Премиерот Мицкоски нагласи дека Македонија отсекогаш била дом на многу култури, религии и народи и дека тоа е нејзиното богатство и нејзината сила.
„Еврејската заедница, иако речиси уништена за време на Холокаустот, останува дел од нашата историја, нашето секојдневие, нашата иднина, нашето културно наследство и нашата совест.
Затоа, денес, додека стоиме овде, нека нашето сеќавање не биде само минато, туку и повик за иднината. Нека нивната трагедија ни биде лекција, нека нивните животи ни бидат потсетник, нека нивната болка ни биде опомена“, рече Мицкоски, завршувајќи го своето обраќање со „Никогаш да не се заборави! Никогаш повеќе!“
Извор: TV21