Регионален состанок со ЕУ фокус на инфраструктурата и поврзувањето

Средба на највисоко ниво меѓу Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, во присуство на европскиот комесар за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас, ќе се одржи на 18 јуни во Солун.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски информира дека на состанокот ќе се потврди важноста на инвестициите во Коридорот 10.

Брза пруга и регионални проекти

Во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека наесен се очекува да биде поставен камен-темелникот за брзата пруга на Коридорот 10, од Куманово до Гевгелија, како и за најавениот „супервоз“ на релација Софија-Атина, Николоски ја истакна стратешката важност на позицијата на Македонија.

„-Колку подобра поврзаноста на Балканот, толку подобро. Нормално е главните градови на Бугарија и на Грција да сакаат да се поврзат, но ако се гледа од аспект на економската исплатливост, рутата низ Македонија е далеку пократка. Затоа уште кога беше избрана оваа Влада велев дека мора сериозно да се работи на брзата пруга за Македонија да го задржи своето геостратешко место. Тоа е пресекот на Коридорите 8 и 10, но истовремено претставува и најкратка рута по Коридорот 10. Во спротивно Македонија би останала слепо црево. Со оглед на тоа што ние веќе од оваа есен ќе започнеме со конкретни активности, додека проектот што го спомнавте најрано би се реализирал во 2029 година, сметам дека ќе имаме значајна компаративна предност – рече Николоски.“