Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, го оцени изборниот резултат во Брвеница како важна политичка порака и потврда за поддршката на политиките на партијата и Владата. Тој рече дека СДСМ, и покрај најавите за победа, бил „декласиран“ од граѓаните.
„Иако само пред неколку дена раководството на СДСМ најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДСМ е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство“, изјави Мицкоски.
Според анализите што ги презентираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, второто место го освоил кандидатот на ДУИ со нешто повеќе од 2.100 гласа, трет бил кандидатот на ВЛЕН, а четврти кандидатот на СДСМ. Независниот кандидат поддржан од Левица, според Мицкоски, добил околу 50 гласа.
Тој оцени дека, поради учеството на повеќе кандидати, најверојатно ќе има втор круг, закажан за 1 ноември.
Мицкоски им се заблагодари на граѓаните што гласале, како и на сите што учествувале во организацијата и спроведувањето на изборниот процес. Тој порача дека волјата на гласачите мора да се почитува и дека победата носи голема одговорност.
„Владата ќе продолжи да вложува во развојот на општините. Во патишта, водоводи, училишта, комунална инфраструктура и во создавање подобри услови за живот. Тоа важи и, се разбира, за Брвеница“, порача премиерот.
За вториот круг, Мицкоски најави дека партијата ќе побара поддршка од сите жители на Брвеница. Тој вети нови инвестиции, подобра инфраструктура, решавање на комуналните проблеми и повеќе можности за младите.
Според Мицкоски, идниот градоначалник треба да работи за сите жители, без оглед на нивната национална припадност, верска определба или политичка ориентација.
„Победата е огромна, но и нашите обврски за оваа општина се огромни. Со конкретни проекти, со одговорност, со почит кон секој човек. За една Брвеница за сите“, порача тој.
