Раст на индустријата и БДП според премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за податоците од Државниот завод за статистика, оцени дека растот во индустријата е солиден, имајќи ги предвид глобалните и европските економски услови.

„Па, имајќи ја предвид состојбата во светот и состојбата во Европа, ценам дека растот во прометот во индустријата и дома и надвор е солиден. И ние сме единствена земја што има таков раст во регионот, друга нема таков раст“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека во последните шест квартали земјата бележи просечен раст на БДП од 3,5%, што, според него, е значително повисоко од просекот во Европската Унија.

„И сега оваа Влада шест квартали по ред има просек раст на бруто домашен производ од 3,5%, но во услови кога растот во ЕУ е под 1%“, рече тој.

Предизвици во индустријата и енергетиката

Мицкоски посочи дека индустриското производство се соочува со одредени предизвици, особено поради намалена активност во дел од рудниците и потребата од стабилно производство на електрична енергија.

„Кај индустриското производство имаме два предизвици, т.е. слабата активност на дел од рудниците“, изјави премиерот.

Тој коментираше и за реакциите околу рударскиот сектор, нагласувајќи дека, според него, постојат различни ставови во јавноста за неговиот развој.

„Иако, има и такви структури во општеството коишто би сите рудници да се затворат и оние коишто ги исполнуваат сите еколошки стандарди и на тој начин да ја банкротираат државата за да добијат грант повеќе“, додаде тој.

Енергетска стабилизација и економски трендови

Премиерот истакна дека втор клучен предизвик е стабилизацијата на производството на електрична енергија, за што оцени дека состојбата се движи кон стабилни текови.

„И второ, она коешто мене ми е важно, покрај рудниците е да се стабилизира делот на производството на електричната енергија. И мислам дека е веќе во рамките на едни стабилни текови“, рече Мицкоски.

Тој заклучи дека, и покрај глобалните предизвици, економијата се движи во позитивна насока.