Се разгледува локација кај „Борис Трајковски“, во план и поврзување со постојните здравствени капацитети
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува во текот на следната година да започнат активности за изградба на нов Клинички центар во Скопје, доколку целата процедура се одвива според планот.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски посочи дека во моментот фокусот е ставен на завршување на повеќе здравствени и образовни проекти во државата.
„Во меѓувреме размислуваме за големиот Клинички центар во Скопје кој треба да се изгради“, истакна премиерот.
Локација, преговори и поврзување со постојни здравствени установи
Тој појасни дека се разгледува локацијата пред базенот „Борис Трајковски“, поради добрата сообраќајна поврзаност и инфраструктура.
„Ја разгледуваме локацијата пред базенот ‘Борис Трајковски’, бидејќи таа локација е на два булевари, има пристап до гас и е блиску до обиколницата“, рече Мицкоски.
Според него, во тек се преговори за имотно-правните односи, бидејќи парцелата е во приватна сопственост, а се разгледува можност за замена, по што би следела и законска процедура за промена на намената.
План за интегриран здравствен комплекс во Скопје
Мицкоски додаде дека се размислува новиот комплекс да биде поврзан со постојните здравствени капацитети, со цел функционално заокружување на системот.
„Под булеварот ‘Илинденска’ ќе се направи топол подземен премин, кој ќе се поврзе со ГОБ ‘8 Септември’. Тука е и ПЕТ центарот и сето тоа со поликлиниката ‘Букурешт’ би било еден заокружен комплекс“, изјави премиерот.
Тој додаде дека тоа е дел од пошироката визија за развој на современ здравствен центар во главниот град.
