Премиерот Христијан Мицкоски порача дека дополнителни средства за судството нема да бидат обезбедени сè додека, како што рече, правосудниот систем не покаже резултати во испораката на правдата. Тој денеска, коментирајќи го последниот извештај на Европската комисија за правосудството, истакна дека негова обврска како премиер е јавно да упатува критики сè додека не се забележи напредок.

„Пари повеќе нема да добијат. Пари нема да добијат, иако се бара и во Законот за јавно обвинителство да се стави сума од 0,5 проценти од буџетот. Нема да добијат затоа што не ги заслужиле. Затоа што очекуваме дека правдата ќе ја донесат. Она што ние го овозможивме со овие измени е фактот дека сè што побараа во делот на вработувања, самостојност и така натаму, сè добија“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека независноста на судството, според него, не се обезбедува само со финансиски средства, туку со професионално работење.

„Ако некој мисли дека на овој начин ќе врши притисок врз Владата, нема тоа Владата да го прифати. Бидејќи независноста со пари не се обезбедува, туку се обезбедува со работа. Со работа, а не со допишување на работни саати и така натаму, дежурства и проценти“, рече премиерот.

Мицкоски појасни дека извештајот на Европската комисија е редовен документ што се објавува за земјите членки, а во последните три години опфаќа и дел од земјите кандидати за членство во ЕУ. Анализата се однесува на периодот 2023, 2024 и 2025 година, а од кандидатите биле опфатени Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија.

Според него, во извештајот има и позитивни оценки за одредени политики, но и критики. Како една од забелешките тој го посочи констатираниот политички притисок врз судството, при што нагласи дека под поимот судство се подразбираат и обвинителството и судовите.

„Второ – имаме исто така констатиран факт дека требало повеќе пари да има за обвинителите и судиите. И трето – е критика за самите обвинители и судии, што е контрадикторно на втората забелешка. Така што, контрадикторни се тие два заклучока. Од една страна велат судскиот систем не испорачува, од друга страна Владата да даде повеќе пари. Тие две работи едно со друго не одат“, изјави Мицкоски.

Премиерот порача дека средствата ќе зависат од резултатите што ќе ги покаже правосудниот систем.

„Или ќе почнат да испорачуваат, па да добијат, или нема да добијат. Ете, вака накратко, тоа е мојот коментар“, нагласи тој.

Мицкоски најави дека ќе продолжи јавно да ги повикува судиите и обвинителите да обезбедат поголема ефикасност и правда, додавајќи дека граѓаните веќе подолго време укажуваат дека испораката од правосудниот систем не е на задоволително ниво.

„Јас ќе продолжам во таа насока да испраќам пораки. Со сета политичка одговорност и ризик кои ги имам, да, ќе продолжам сè додека не видиме напредок во испораката на правдата“, изјави Мицкоски при посетата на Општина Дебрца.