Премиерот најави решителен пристап кон францускиот предлог
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија зборуваше за предизвиците околу евроинтеграциите и за последиците од блокадата што трае речиси четири години. Тој нагласи дека Владата ќе биде проактивна, но нема да прифати компромис кој нема да води кон конечна и фер одлука.
„Јас не би можел да бидам секундант и да зборувам дали сме блиску или сме далеку, но можам да кажам како претседател на Влада ќе бидеме апсолутно проактивни во овој процес, ќе нудиме и ќе бараме решение. Бидејќи ова решение што го наследивме, а кое што го прифати претходната влада во суштина не е решение и најголемиот дел од граѓаните во Македонија не го прифаќаат“, рече Мицкоски.
Премиерот ја потенцираше историската димензија на проблемот и важноста од достоинствен пристап:
„Тоа што ќе биде решение кое што ќе го сочува достоинството, кое што ќе го сочува идентитетот а од друга страна ќе нуди предвидлив процес кон иднината. Така што ние ќе работиме, но нема да работиме под притисок и нема да работиме кон решение кое што нема да не одведе до самиот крај туку ќе не одведе само до првата следна пречка.“
Едногласноста како пречка во процесот
Мицкоски зборуваше и за ограничувањето со едногласност во Европската унија, нагласувајќи ја комплицираната позиција на Македонија.
„На последниот панел сега во Минхен, еден од дискутантите кој доаѓа од многу моќна земја рече: ‘Она што ѝ го правиме на Македонија е злосторство.’ Буквално и тоа го слушнаа сите“, изјави премиерот.
Тој додаде дека претходните влади често правеле компромиси на штета на македонскиот идентитет и иднината на државата, без да постигнат долгорочно решение:
„Речиси сите безусловно не успевале затоа што секогаш постои ‘ако’. Не е само Преспанскиот договор, туку и францускиот предлог кој што не е ни договор туку е само предлог.“
Трпеливост и јасна политика
Мицкоски нагласи дека Македонија ќе продолжи да ги изразува своите аргументи и ќе бара компромис што ќе биде праведен:
„Е затоа треба да сме мудри и трпеливи и да работиме и да си ги кажуваме гласно нашите аргументи. Секој оној којшто не и мисли добро на Македонија и граѓаните ќе бара меко ткиво и тоа го наоѓа во опозицијата во моментот.“
Премиерот истакна дека Владата нема да прифати решение кое е формално, но не нуди вистинска предвидливост за иднината на државата, нагласувајќи ја важноста од вистинска политичка волја и долгорочна стратегија за евроинтеграциите.
