Македонија ќе се вклучи активно во глобалниот енергетски пазар
Владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски денеска имаше успешни и инспиративни средби со голем број мултинационални компании во рамки на Светскиот економски форум во Давос. Темите опфатија енергетика, здравство и висока технологија, а од македонска страна беа претставени можностите за инвестиции во земјата.
-„Се разбира од наша страна беа претставени можностите за инвестиции во Македонија, во македонската економија, нешто што ќе значи додадена вредност за македонските граѓани. На она на коешто посебно би сакал да се задржам е вториот дел од денот, односно панелот за енергетика каде што бев активен учесник и говорник заедно со секретарот за енергетика на САД г. Рајт. Панел на коешто учество зема буквално светското водство во енергетскиот бизнис, компании коишто доаѓаат од сите континенти, компании чиишто обрти се движат во рамките на илјадници милијарди. Таму разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката во годините коишто следат, енергетиката од областа на производство на електрична енергија, зошто токму областа на производство на електрична енергија“, изјави Мицкоски.

Раст на потребата од електрична енергија и инвестиции во обновливи извори
Премиерот посочи три важни заклучоци од панелот за енергетика.
-„Првата работа е дека во годините коишто следат, потребата од енергија во светот ќе расте, но два ипол пати побргу ќе расте потребата од електрична енергија и тука ние како Македонија како држава не смееме да бидеме нем набљудувач, туку треба да бидеме активен чинител и активен учесник и тука повторно ќе треба да ги рестартираме сите оние можеби заборавени енергетски проекти од минатото како што се Чебрен и Галиште, Бошков Мост и останатите, и да го понудиме потенцијалот за инвестиции во обновливи извори на енергија на голем број од инвеститорите коишто покажаа несомнен интерес во дискусиите после завршувањето на панелот. Втора работа којашто исто така е значајна е дека во следните десет години, производните капацитети коишто треба да бидат изградени, коишто треба да произведуваат во светот електрична енергија ќе треба да произведат вкупно 40.000 терават-часови електрична енергија. Колкава е таа количина на електрична енергија? Тоа е пет ипол илјади пати повеќе отколку што денеска Македонија троши електрична енергија и некаде отприлика онолку колку што денеска САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно трошат. Зошто е ова потребно? Затоа што во годините коишто следат развојот на човештвото ќе опфаќа развој на вештачка интелигенција, а со тоа и центрите за податоци или т.н. дата центри коишто работат, не на енергија туку на електрична енергија“, истакна Мицкоски.

Диверзификација на економијата и потенцијал во енергетиката
Премиерот потенцира дека Македонија треба да го следи овој тренд за развој на економијата и да диверзифицира својот економски портфолио.
-„Од економија којашто се темелеше на развој на автомобилската индустрија, да го диверзифицираме своето портфолио и да бидеме значаен чинител имајќи ги предвид перформансите и потенцијалот коишто го нудиме во дел и секторот на енергетика. Јас сум убеден дека тоа како држава можеме да го направиме, јас сум убеден дека ние како држава ќе успееме во таа намера“, заклучи Мицкоски.
