Европскиот суд за човекови права во Стразбур започна постапка по жалбата на поранешната министерка Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“. Целта е да се утврди дали постојат сериозни индиции за прекршување на правото на фер судење.
На новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека во соопштението на ЕСПЧ јасно стои дека се укажува на забелешки во процесот и начинот на судење и дека се отвора предмет за преглед на целиот процес и можните повреди на човековите права.
„Ќе ве потсетам дека за вакви и слични случаи ние веќе подолго време зборуваме. Тоа се овие судии на кои што мала им е платата, сакаат двојно, тројно поголема, партиски октроирани и заробени од страна на претходната Влада. Малкумина се, ќе повторам, конкретно овој случај видете кој го водеше, тоа е случајот „Тенк“ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија. Сега ги атакува пензионерите, за линеарното зголемување на пензиите, сака и тоа право да им го одземе“, рече Мицкоски.
„Гледате какви пресуди октроирани политички носат. За жал, мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур поради ваквите судии, малкумина, кои го контаминираат нашето судство и малкумина обвинители кои го контаминираат нашето обвинителство“, додаде премиерот.
Тој нагласи дека потребни се суштински реформи во судството и обвинителството, а не само покачување на платите на судиите и обвинителите.
