Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека до крајот на годинава планира повторно да се сретне со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун. Засега не е познато кога и каде би се одржала евентуалната средба.
Трамп ова го изјави во средата пред новинарите за време на обиколката на имотот на Белата куќа, каде што им го покажувал новиот хелиодром.
Зборувајќи за Северна Кореја, Трамп се осврна и на нејзиниот нуклеарен арсенал. Тој наведе дека Ким Џонг-ун располага со 57 „многу моќни нуклеарни бомби“, додавајќи дека таквата состојба, според него, никогаш не смеела да биде дозволена.
Најавата за нова средба доаѓа во период на обновени тензии на Корејскиот Полуостров. Трамп неодамна го намали обемот на заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои Пјонгјанг со години ги смета за подготовка за воен напад.
Американскиот претседател, сепак, повторно го истакна добриот однос со севернокорејскиот лидер.
„Многу добро се согласувам со Ким Џонг-ун“, изјави Трамп, додавајќи дека, според него, „нема да има проблеми“ доколку САД имаат „паметен претседател“.
Од Пјонгјанг во средата стигна порака дека ставот кон Вашингтон не е променет. Ким Јо-џонг, сестрата на севернокорејскиот лидер, изјави дека намалувањето на воените вежби не влијае врз политиката на Северна Кореја кон САД.
Таа, сепак, истакна дека Ким Џонг-ун лично има позитивни спомени и симпатии кон Трамп, но оти „непријателската политика на САД останува иста“.
Трамп и Ким веќе се сретнаа за време на првиот мандат на американскиот претседател. Во 2019 година, Трамп стана првиот актуелен американски претседател што стапнал на територијата на Северна Кореја.
