Компанијата „Мета“ на почетокот на историскиот судски процес ги отфрли обвинувањата на американските сојузни држави дека намерно се обидувала да создаде зависност кај децата од нејзините социјални мрежи Фејсбук и Инстаграм за да оствари профит.
Група од 29 сојузни држави ја тужи „Мета“ и бара потенцијални казни од повеќе стотици милијарди долари, како и промени во деловните практики на компанијата.
Четири држави коишто ја претставуваат групата – Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси – ја обвинуваат „Мета“ дека ги дизајнирала Фејсбук и Инстаграм на начин што ги прави младите корисници зависни, поттикнува анксиозност, депресија, па дури и самоубиствени однесувања, како и дека ги довела потрошувачите во заблуда во врска со безбедноста на платформите.
Сите 29 држави ја обвинуваат „Мета“ и дека ги прекршила федералните закони со несоодветно собирање и користење лични податоци на деца.
Експертите го оценија судењето пред федералниот суд во калифорнискиот град Окланд, кое што почна вчера со воведни излагања, како најголемата досегашна правна проверка на влијанието на социјалните мрежи врз младите корисници.
„Мета“ и други компании коишто управуваат со социјални платформи, меѓу кои „Снап“, „БајтДенс“ и „Алфабет“, се соочуваат со илјадници тужби од сојузни држави, општини, училишта и поединци поради потенцијалната штета што нивните платформи им ја нанесуваат на младите корисници.
Заменик-јавната обвинителка на Калифорнија, Меган О’Нил, пред осумчлената порота изјави дека деловниот модел на „Мета“ е „да ги привлече корисниците, да ги задржи што подолго, да ги собере нивните податоци, а потоа да ја скрие вистината од јавноста“.
– Тоа особено добро функционираше кога станува збор за деца – додаде таа. „На ‘Мета’ ѝ беа потребни децата и требаше да ги убеди луѓето на коишто им е грижа за нив дека тие се безбедни“.
Адвокатот на компанијата, Пол Шмит, изјави дека „не е спорно“ оти некои корисници на социјалните мрежи се соочуваат со проблеми, но оти истражувањата не покажаа јасна поврзаност меѓу користењето социјални мрежи кај адолесцентите и влошената психофизичка состојба.
Тој, исто така, изјави дека основачот и директор на „Мета“, Марк Закерберг, јасно ставил до знаење дека компанијата сака да ги подобрува своите услуги, а не да ги прави опасни.
– Тие не веруваат дека ќе имаат добар бизнис ако луѓето не ја сакаат нивната услуга – рече Шмит.
Судијката би можела да нареди промени на социјалните мрежи
Се очекува поротниците да дадат советодавно мислење, но конечната одлука за одговорноста на „Мета“ ќе ја донесе окружната судијка Ивон Гонзалес Роџерс.
Ако ја прогласи „Мета“ за одговорна, Роџерс би можела да изрече парични казни и да нареди промени на Фејсбук и Инстаграм. „Мета“ соопшти дека казните би можеле да достигнат и 1,4 трилиони долари, но обвинителите на сослушувањето минатата недела изјавија дека сумата е поблиску до 200 милијарди долари, односно до тригодишниот профит на компанијата по плаќањето даноци.
Калифорнија, Колорадо, Кентаки и Њу Џерси исто така бараат од „Мета“ да ги измени Фејсбук и Инстаграм, меѓу другото со отстранување на опцијата „ми се допаѓа“ и бесконечното прикажување содржини, воведување временско ограничување за помладите корисници и оневозможување пристап за деца помлади од 13 години.
По завршувањето на воведните излагања, како прв сведок на сојузните држави почна да сведочи поранешниот вработен во „Мета“, Артуро Бехар.
Тој подолго време тврди дека „Мета“ била свесна оти нејзините алатки за заштита на децата не функционираат, а сведочеше против компанијата и во четири други судски процеси.
„Мета“ се обиде да го спречи неговото сведочење, но Роџерс го одби барањето, оценувајќи го како очајнички обид да се отстрани клучен сведок.
Бехар пред поротниците изјави дека брзото воведување нови функции во „Мета“ било поважно од можната штета и дека компанијата активно не проверувала дали нејзините платформи ги користат деца помлади од 13 години.
„Многу производи беа пуштени во светот“, како кратките видеа „Рилс“, „а безбедноста воопшто не беше разгледувана кога првично беа објавени“, рече Бехар.
Се очекува како сведоци да се појават и Закерберг и директорот на Инстаграм, Адам Мосери.
Судењето би требало да трае шест недели.
Извор: Курир
