Просечен Македонец лани направил 417 килограми ѓубре. Тоа целосно завршило на депониите. Тоа е помалку за речиси пет отсто (околу 20 килограми помалку) од претходната 2024 година и помалку од европскиот просек. Вкупно во државата биле создадени 755,7 илјади тони ѓубре. На депониите завршиле речиси 640 илјади тони комунален отпад. Иако сме направиле помалку ѓубре, комуналните претпријатија собрале повеќе отколку во 2024 година.
„Зголемувањето се должи на зголемениот број населени места вклучени во системот за колективно собирање отпад“, заклучиле во ДЗС.
Нашата индустрија во 2024 година создала 1,2 милион тони или на жител 655 килограми годишно. Ова е драстично помалку од европскиот просек, каде што индустријата знае да создаде и по неколку илјади килограми индустриско ѓубре на жител.
Каде и какво ѓубре прават граѓаните?
Најголемиот дел од комуналниот отпад, дури 84 отсто, доаѓа директно од нашите домаќинства, а преостанатите 16 отсто ги прави комерцијалниот сектор – продавници, ресторани и канцеларии, кои своето ѓубре го одлагаат во посебни комунални контејнери.

Структурата на ѓубрето од домаќинствата покажува дека во нашата држава многу малку се селектира. Огромен дел, 553 илјади тони од отпадот, е мешано ѓубре. Од селектираниот отпад, речиси 35 илјади тони биле органски отпад, 15,5 илјади тони пластика, 10 илјади тони хартија и сосема малку метал.
Најмногу ѓубре се прави и се собира во Скопскиот Регион, а најмалку отпад се собира во Североисточниот Регион.
Колку ѓубре фрла просечен Европеец?
Според податоците на Евростат (Eurostat), просечниот Европеец фрла многу повеќе од просечниот Македонец – околу 527 килограми, а Германците дури и над 620 килограми. Ова звучи како супер вест. Но додека Германецот или Словенецот речиси целото тоа ѓубре го „вртат“ назад во системот – го претвораат во струја или нова пластика – кај нас приказната завршува во моментот кога камионот ќе го испразни контејнерот во депонија.
„Најголемото количество собран комунален отпад, 99,8 отсто, се исфрла на депонија“, алармираат од Статистика.
Во Македонија се рециклира само половина од ѓубрето што го создава индустријата.
„Количеството отпад предаден за рециклирање изнесува 585 илјади тони. Според видовите отпад што е предаден за рециклирање, најголемо е количеството отпад од категориите: метални отпадоци (мешани обоени и необоени), отпадоци од железен метал, отпадоци од хартија и картон и отпадоци од пластика. Од создадениот отпад, 39 илјади тони се складиран отпад“, пишуваат од Статистика.
Она што е проблем во македонските бројки е токсичноста на отпадот (кај нас дури четвртина е таков отпад), а во Европската Унија тој изнесува околу пет отсто, благодарение на технологиите што го неутрализираат отпадот уште во самата фабрика.
