Утрешната 36. седница, на чиј дневен ред се 30 точки, е одложена на неодредено време додека не се обезбеди кворум од 61 пратеник, соопшти денеска претседателот на Собранието Талат Џафери.

Причина е условувањето до опозицијата, поради кое денешната координација е прекината откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побарал на утрешната седница да се расправа за три наместо за 30 точки.

-Тие бараа другите точки да не се разгледуваат. Укажав дека внесување такво непишано правило е ризично за функционалноста на Собранието натаму, да воспоставиме пракса на условување на точките на дневен ред. Ни лично ни институционално нема да прифатам бидејќи е спротивно и на Деловникот и на моите убедувања во однос на функцијата што ја извршувам,рече Џафери на прес-конференцијата.

Тој објасни дека мнозинството не може да направи кворум бидејќи двајца пратеници се во изолација. Затоа најави дека ќе почека неколку дена за да ја закаже седницата што беше предвидена за утре бидејќи според информациите еден од пратениците до четврток треба да излезе од изолација.

Од денеска натаму нема да ризикувам да свикувам седница на која ќе дојдат 60 пратеници, во салата, а другите ќе дојдат за да се потпишат и да ме условуваат за кворум, рече Џафери.

За Џафери е нејасно однесувањето на опозицијата која го условува доаѓањето на седница бидејќи, како што вели, на оваа иста седница се и двете интерпелации за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот Љупчо Николовски, поднесени токму од опозицијата.