Мицкоски повика на обединување и заедништво меѓу младите
На свечениот настан по повод 34 години од формирањето на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски упати силни пораки до младите, повикувајќи на заедништво, патриотизам и формирање семејства како клучна вредност за иднината на Македонија.
– Кога сме обединети, кога сме едно, никој не може да не’ скрши. Но кога сме поделени, тогаш сме лесен плен – истакна Мицкоски, потенцирајќи дека токму младите се тие што треба да бидат авангарда во новото општествено обединување.
УМС – расадник на лидери и столб на државноста
Во обраќањето, Мицкоски ја потенцираше улогата на Унијата на млади сили како платформа која има произведено многу општински лидери, пратеници и министри. – Денеска, може слободно да кажам, УМС ја води Македонија. Тие се движечка сила, и ќе останат такви и во иднина – нагласи премиерот.
Современ патриотизам значи создавање семејство
Мицкоски ја истакна важноста на семејството како клучна вредност за опстанокот на македонскиот народ. Тој порача дека љубовта кон татковината денес се покажува преку формирање стабилни и многудетни семејства.
– Нема подобар начин да го изразиме патриотизмот и љубовта кон државата и народот, од создавање семејство. Тоа е нашата иднина – посочи Мицкоски.
Нови политики во образованието – фокус на традиционалното семејство
Премиерот најави промени во образовниот систем кои ќе го нагласат значењето на традиционалното семејство. Новите читанки веќе нема да го содржат моделот „јас, мама и тато“, туку „јас, мама, тато, дада и бато“.
– Ова се конкретни мерки за подобрување на демографијата и зајакнување на семејните вредности. Напуштаме политики кои го поткопуваа идентитетот и државноста – изјави Мицкоски.
Извор: Курир