Македонското Министерство за надворешни работи се уште не се огласи за упатената протестна нота од страна на бугарската Амбасада откако вчера царинските власти на граничниот премин Деве Баир запреле пратка од 920 бугарски книги наменети за Бугарскиот културно-информативен центар во Македонија.
Бугарската Амбасада во Скопје испратила протестна нота до Министерството за надворешни работи на Македонија, поради, како што соопшти бугарското МНР, одлуката на царинските власти на граничниот премин „Деве Баир“ да не дозволат влез во земјава на 920 книги за Бугарскиот културно-информативен центар во земјава.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, книгите со наслов „Бугарски народни песни од Браќата Миладинови“ биле пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој, според бугарското МНР, покажал договор за донација, со којшто книгите требале да бидат доставени до културниот центар.
Како што се наведува во соопштението на бугарското МНР, и покрај присуството на конзул од амбасадата во Скопје на граничниот премин, царинските власти изјавиле дека е неопходна дозвола од МНР на Македонија, во согласност и со Министерството за култура на Македонија.
Со нотата Амбасадата на Бугарија во Скопје бара објаснувања зошто се бара дозвола за влез на литература од земја-членка на ЕУ, и тврдат дека такво нешто не е регулирано никаде и е апсурдно да се случува во 2021 година во држава која сака да се присоедини кон ЕУ. Оттаму, навдуваат и дека за ова ќе бидат запознаени и Европската комисија и амбасадите на државите членки во Скопје.
Вчера, шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева се закани, и како што рече скандалозниот чин на властите во Република Северна Македонија ќе биде презентиран на Европската комисија и на амбасадите на земјите члекнки на ЕУ во Скопје.