пишува: Горан МОМИРОСКИ

За да не речат еден ден погоре наведените дека немале поддршка од јавноста во битката со криминалот и корупцијата во оваа прилика јавно им доставувам извадоци од позитивни правни прописи од кои се гледа дека екс генералниот секретар на Владата, иноваторот Драги Рашковски немал ингеренции да распишува тендери.

Четири дена откако истражители на обвинителството влегоа во владата и собраа документација на тендерите на Рашковски, на Русковска, Ивановска и Николовски

им посочувам извадоци од два документи врз основа на кои Рашковски требало да ја базира својата работа но за жал ја „проширил” базата.

Едниот е Законот за Влада а вториот Деловник на владата каде во детали пишува кои се ингеренциите, правата и обврските на генералниот секретар на Владата.

Во ниту еден член од двата многу конкретни и детални документи на ниту едно место нема ниту збор за можност Драги Рашковски да распишува, договара и исплаќа тендери.

Во законот и деловникот јасно е наведено што Рашковски смеел и можел да прави, но распишување тендери дефинитивно нема во ниту еден член или параграф од двата документи.

Рашковски како Генерален секретар особено не смеел да распишува тендери за други институции како што е тоа случај со софтверот за “Сејф Сити” или за 13 други институции при полагање на државен испит.

Во деловникот кој треба да даде основа за распишување на тендери нема запишана никаква ингеренција за Рашковски за негово инволвирање во набавка на опремата вредна 7 милијарди евра во спорниот случај Леонардо за кој досега Обвинителството и Антикорупциска не најдоа причина за прогон на Рашковски.

За да не ја обвинуваат јавноста дека не била од помош еве ги деловите од двата документи кои Русковска, Ивановска и Николовски треба внимателно да ги проучат.

За да не речат утре “не знаевме што се случувало”.

Деловник на владата

4. Генерален секретар на Владата

Член 18

Владата има генерален секретар со права и должности утврдени со закон и со овој деловник.

Член 19
Генералниот секретар има заменик што што му помага во вршењето на неговите работи и го заменува во случај на негова отсутност или спреченост.

Член 20
(1) Генералниот секретар во согласност со упатствата на претседателот на Владата ги врши работите во врска со организирањето и подготвувањето на седниците на работните тела и на Владата.

(2) Генералниот секретар учествува во работата на седниците на Владата без право на одлучување и се грижи за процедуралните прашања во текот на седницата на Владата.

(3) Генералниот секретар врши координирање на секторите на Генералниот секретаријат.

(4) Генералниот секретар соработува со министерствата и другите органи на државната управа, особено по прашањата за стратешките приоритети и анализа на политики Канцеларијата на претседателот на Владата во рамките на своите надлежности.

Член 23
Генералниот секретар остварува соработка со државните секретари во врска со доставувањето на материјали за Владата, за евидентирање на доставените заклучоци на Владата и за нивното спроведување.

Член 24
Генералниот секретар остварува соработка со генералниот секретар на Собранието, Претседателот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Судски совет на Република Македонија, Народниот правобранител на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство на Република
Македонија

Закон за Влада

XI. ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ВЛАДАТА
Член 39
(1) Владата има генерален секретар кого го именува и разрешува Владата.
(2) Во однос на Генералниот секретаријат, генералниот секретар ги има правата и
должностите на функционер кој раководи со орган на државната управа, а неговата
работа се утврдува со Деловникот.
(3) За својата работа и за работата на Генералниот секретаријат, генералниот
секретар им одговара на претседателот на Владата и на Владата.
(4) На генералниот секретар на Владата, Владата му именува заменик.

Член 40-а
(1) Се основа Генерален секретаријат како стручна служба на Владата.
(2) Генералниот секретаријат обезбедува координација и стручна поддршка за потребите на Владата, претседателот на Владата, неговите заменици, како и на членовите на Владата во остварувањето на нивните надлежности; остварува соработка и координација со министерствата и другите органи на државната управа
и за прашањата за стратешките приоритети на Владата и посебно за спроведувањето на Рамковниот договор, го координира предлагањето, донесувањето и следењето на извршувањето на Годишната програма за работа на Владата; ги обезбедува неопходните информации и стручни совети и мислења во врска со креирањето и анализа на политиките на Владата; оперативно ја следи и известува Владата за остварувањето на заклучоците на Владата; обезбедува ефикасна подготовка и одржување на седниците на Владата и на нејзините работни тела, обезбедува информации за јавноста; ги координира активностите во врска со спроведување на реформата на јавната администрација остварува соработка со Стручната служба на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на Република Македонија и со стручните служби на други органи на државната власт, како и невладините организации и други правни лица; остварува управување со процесот на работењето, врши други стручни и логистички работи утврдени со Деловникот, како и други работи кои ќе ги определи претседателот на Владата и Владата.

Пишува Горан Момировски за Експрес.мк.