Создадени се услови почетокот на новата школска година, на први септември, да биде со физичко присуство на учениците. Предлогот на Министерството за образование и наука бил прифатен на вчерашниот состанок на Главниот координативен кризен штаб, што го водеше премиерот Зоран Заев.
Две недели пред почетокот на учебната година се разгоре дебатата помеѓу родителите. Некои сакаат децата да посетуваат настава со физичко присуство „за да не останат неписмени“, за други поважно е децата да бидат здрави отколку писмени, трети бараат одложување на учебната година додека да се стабилизира состојбата, а четврти сметаат дека треба да се воведе домашно образование.
Некои од прашањата што родителите ги поставија се и дали училиштата се опремени со елементарни хигиенски услови и дали наставниците се обучени да изведуваат онлајн настава.
Министерството за образование досега разгледуваше три можни сценарија за изведување на наставата: со физичко присуство, онлајн настава за учениците над четврто одделение и ротирање на учениците преку една недела со физичко присуство. Оттаму потврдија дека учебната година сигурно ќе започне на 1 септември и дека се вакцинирани околу 60 отсто од наставниот кадар. Од владата информираат и дека се очекува до септември зголемување до 80 отсто вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата.
Наставниците се жалат на многу фактори. Освен што некои се технички спречени да ја одржуваат наставата бидејќи училиштето не им обезбедило услови, потсетуваат и дека е невозможно да ги натераат сите ученици да ги почитуваат протоколите за изведување на наставата со физичко присуство.
– Зошто да ги вакцинираме децата кога лесно поминуваат? – е најчестото прашање кај родителите.
Некои епидемиолози се загрижени зашто сметаат дека доколку наставата почне со физичко присуство, таа ќе биде исклучително тешка за спроведување, со оглед на тоа дека децата се често настинати. Здравствените власти кои во минатото упатуваа децата да се остават да го прележат вирусот без вакцинирање, сега мислат дека колективен имунитет ќе се постигне само ако се вакцинираат и децата. Филипче претходно најави дека во текот на следните месеци ќе се прават анализи за можно вакцинирање на децата од 12 до 16 години. Опцијата за задолжителна вакцинација на децата сѐ уште не е во игра.
Здравствените власти постојано потсетуваат дека делта сојот на коронавирусот најмногу се шири меѓу невакцинираното население. Интересот за вакцинација се зголемува паралелно со отпорот. Министерот за здравство Венко Филипче вчера напиша на Фејсбук дека на утринскиот состанок со членовите на Комисијата за заразни болести и со претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова, се разгледувала епидемиолошката состојба која од ден во ден станува сѐ посериозна.
– Вакцините штитат од тежок развој на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот – порача министерот.
Во Австрија сѐ повеќе родители почнаа да ги отпишуваат своите деца од училиште. Биле поднесени повеќе од 3.000 барања за разлика од минатата година, кога беа отпишани околу 2.000 деца. Таму нема задолжително посетување училиште, па наставниот кадар апелираше на задолжителна вакцинација на учениците за да се изведе успешна настава со физичко присуство.
Во САД, пак, во последниве денови се забележува тренд на хоспитализација на помлади пациенти заболени со ковид-19. Американското здружение на педијатри ги соопшти загрижувачките бројки дека досега со коронавирус се заразени речиси 94.000 деца, а Националната асоцијација за образование ги повика сите што можат да се вакцинираат.
„Во оваа насока се и протоколите изработени од епидемиолози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите во кои се одржува наставата“, информираше Владата.