Рокови и начин на пријавување
Учениците кои не успеале да се запишат во првиот уписен рок за учебната 2026/2027 година ќе имаат нова можност овој месец. Второто електронско пријавување е закажано за вторник, 23 јуни, по што на 24 јуни ќе се доставува потребната документација до средните училишта.
Според календарот на Министерството за образование и наука, резултатите од уписот ќе бидат објавени на 25 јуни до 12 часот, на огласните табли и веб-страниците на училиштата.
Слободни места и резултати од првиот упис
За второто пријавување се отворени вкупно 11.882 слободни места. Од нив, 7.404 се за настава на македонски јазик, 4.002 за албански, 456 за турски и 20 за српски наставен јазик.
Во првиот уписен рок, кој се спроведе од 12 до 17 јуни, биле пријавени 15.075 ученици, а запишани 13.397. Најголем дел од нив се запишале во гимназиско и стручно образование, додека помал број во уметнички програми.
Квалификациски тестови и завршени конкурси
Во училиштата каде што има поголем број кандидати со ист број бодови, ќе се организира квалификациско тестирање. За второто пријавување тоа е предвидено за 29 јуни, а резултатите ќе бидат објавени истиот ден.
Од МОН информираат дека во дел од гимназиите и стручните училишта конкурсот веќе е завршен, поради целосно пополнети капацитети, па таму нема да има дополнителен уписен прием.
