Во тек е етапна исплата на финансиската поддршка за основците и средношколците кои не беа навремено исплатени.

-Средствата не беа исплатени од претходното раководство. Иако поддршката беше ветена, исплатата се реализираше само за еден месец или за два месеца и тоа на мал број апликанти. Тоа е потврда за негрижата кон граѓаните од страна на претходната Влада. Преостанатиот износ се исплаќа и очекуваме процесот целосно да биде заокружен во текот на следниот месец. Ги замолуваме граѓаните да бидат трпеливи, бидејќи секој што ги исполнил условите, ќе ги добие предвидените средства – соопшти Министерството за образование и наука.

Министерството наведува дека минатата недела се реализирани исплати на финансиска поддршка за февруари и март за околу 13 илјади ученици.

-Истовремено, сакаме да потенцираме дека со доаѓањето на новата Влада, младите ќе бидат во фокусот на политиките, а квалитетот на образованието и можностите за реализација на личниот потенцијал во границите на својата земја, плански и континуирано ќе се зголемуваат. Наместо периодични и краткорочни решенија, плнирани се системски и долготрајни квалитетни мерки за поддршка на учениците, студентите и нивните семејства – информира Министерството за образование и наука.