Доналд и Меланија Трамп пристигнаа во Британија
Американскиот претседател Доналд Трамп и првата дама Меланија синоќа пристигнаа во Обединетото Кралство. Во име на кралот, ги пречекаа американскиот амбасадор Ворен Стивенс и виконт Худ, кралскиот коморник. По ноќта помината во Лондон, денеска ќе бидат официјално примени од кралот Чарлс и кралицата во замокот Виндзор, што ќе биде нивна прва средба откако Чарлс се искачи на тронот. Посетата е необична, бидејќи традиционално американските претседатели во втор мандат не се покануваат на државни посети, туку најчесто имаат неформални средби со монархот.
Пакт за технолошки просперитет
Премиерот Киер Стармер ја гледа посетата како можност за политичко оживување, откако минатите недели се соочи со сериозни потреси во неговата влада. Заедно со Трамп, тој објави „пакт за технолошки просперитет“, вреден 31 милијарда фунти, кој опфаќа соработка во вештачка интелигенција, нуклеарна енергија и квантно пресметување. „Мајкрософт“ ќе инвестира 22 милијарди фунти, што претставува најголема поединечна инвестиција во историјата на Британија од оваа компанија.
Безбедносни мерки и протести
Посетата на Трамп се одвива во време на тензии во САД и во глобални кризи, како војната во Газа. Во Британија, безбедносните мерки се засилени на највисоко ниво. Полицијата го опиша распоредувањето како најголемо од крунисувањето на кралот, со вооружени патроли во Виндзор и најавени протести во центарот на Лондон.