Усогласена изјава како сигнал за завршница
Македонија е пред потпишување договор со САД што ќе овозможи поповолни услови за извоз и тарифи до максимум 15 проценти.
Неодамнешната усогласена заедничка изјава меѓу двете страни, според министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, претставува силен сигнал дека процесот е во завршна фаза и дека следува продлабочување на партнерството.
Муцунски посочува дека земјава и сега извезува одредени производи на американскиот пазар со тарифи пониски од 15 проценти. Во заедничката изјава објавена од Белата куќа е договорено Македонија да ги укине сите царини за американските индустриски и земјоделски производи.
Од американска страна ќе се задржи царина од 15 проценти за дел од македонските производи. За одредени производи ќе важи нулта стапка. Кои производи ќе бидат опфатени со пониски тарифи не се открива поради доверливоста на договореното. Се споменува бројка од 64 производи.
Продлабочување на соработката со Словачка
Паралелно, Македонија ја интензивира економската соработка и со Словачка. Во Скопје денеска беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете влади. Во наредниот период се очекува засилена соработка меѓу компаниите.
Планирана е размена на искуства и експертиза во енергетиката, ИКТ-секторот, автомобилската индустрија, здравството и туризмот.
