Министерот ќе ја промовира надворешната политика и трговската соработка на Македонија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од 17 до 26 септември ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, каде ќе оствари низа средби со високи претставници на Стејт департментот, конгресмени и сенатори, како и учество на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Во Вашингтон, Муцунски ќе разговара за унапредување на политичкиот дијалог, трговската соработка и стратешкото партнерство меѓу двете земји. Тој ќе присуствува и на тркалезна маса организирана од Американско-централноевропската деловна асоцијација и на настан по повод Денот на независноста и 30 години дипломатски односи со македонската дијаспора во регионот на Вашингтон.

На Генералното собрание на ОН во Њујорк, предводено од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, министерот ќе учествува во билатерални средби со колеги од европски и воневропски земји, како и со претставници на регионални иницијативи како А5, ПСЈИЕ, ЦЕИ и земјите од Западен Балкан. Муцунски ќе биде домаќин на работен појадок со земјите членки на Јадранско-Јонската иницијатива и ќе учествува на високо ниво дебати за глобална економија, Европа-САД односи и влијанието на вештачката интелигенција врз меѓународниот мир и безбедност.

Пред официјалната програма во Њујорк, министерот ќе го посети фестивалот на храна во македонската црква „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси и македонската црква „Св. Климент Охридски“, каде ќе се сретне со македонската дијаспора од регионот на Њујорк и Њу Џерси.