Фокус на билатерални односи, економска соработка и евроинтеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од денеска престојува во тридневна работна посета на Обединетото Кралство, на покана од британскиот државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој, Дејвид Лами, информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Како дел од агендата, предвидени се средби со британски официјални претставници, дискусии за политичка и безбедносна соработка, како и настап на бизнис-форум во Лондон каде ќе бидат презентирани економските можности на земјата.
Средби со британски министри и обраќање во тинк-тенк за регионалната безбедност
Муцунски ќе се сретне со својот домаќин Лами, како и со Гарет Томас, парламентарен државен потсекретар и министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија.
Во рамки на бизнис-форум организиран од Амбасадата на Република Македонија во Лондон, ќе ги претстави економските потенцијали и инвестициските можности пред британски компании.
Во британскиот парламент ќе се сретне со членовите на Парламентарната група за соработка со Република Македонија, а во реномираниот тинк-тенк „British Foreign Policy Group“ ќе има обраќање на тема улогата на Македонија во евро-атлантската безбедност и регионалната стабилност.
Средби со македонската заедница во Литлхамптон и зајакнување на односите меѓу двете земји
Во текот на посетата, министерот ќе оствари средби со македонски иселеници во градот Литлхамптон, ќе ја посети црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“, како и фолклорна група и дечиња што посетуваат настава по македонски јазик.
Според соопштението од МНРиНТ, посетата има за цел зајакнување на политичкиот дијалог и економската соработка, особено по потпишувањето на договорот за инвестициско партнерство. Во фокусот ќе бидат и евроинтеграцијата на Северна Македонија и размена на мислења за регионални, европски и глобални прашања.