Муцунски со жестока порака до Османи: „Кога не сте на власт, демократијата не ви одговара“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, остро реагираше на изјавите на неговиот претходник Бујар Османи, обвинувајќи го за промена на ставови откако ДУИ премина во опозиција. Во објава на Фејсбук, Муцунски истакна дека додека биле на власт, Османи и неговата партија се претставувале како „прогресивни Европејци“, но откако останале надвор од извршната власт, започнале да ширaт пораки на поделби и дестабилизација.

„Проблем не е моделот туку дека ДУИ не се на масата“

Муцунски го потсети Османи дека ДУИ владеела во услови кога Македонците биле малцинство во Владата и во Собранието, што тогаш било прифатено како демократски легитимно. Но сега, според него, кога постои јасно демократско мнозинство избрано од граѓаните, тоа одеднаш станува „проблем за соживот“.

„Проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата“, напиша Муцунски, потенцирајќи дека новата власт работи на поправка на направената штета, со „работа, со принципи и со почит“, а не со „закани и манипулации“.

Визија за обединување и напредок

Муцунски порача дека тој верува во соживот, дијалог и иднина изградена врз вредности, еднаквост и напредок. „Секогаш сум работел на обединување – затоа што сакам да живееме во држава што ги поврзува луѓето, не ги дели. Во држава што гради, не руши. Современа. Самоуверена. Европска“, заклучи министерот.