Управните служби работат со зголемен капацитет и побрза обработка

Управните служби при Министерството за внатрешни работи апелираат до граѓаните навремено да ги подигнат своите готови лични документи, со цел да се одржи тековната ефикасност и да се избегнат гужви во периодот што следува.

Од МВР информираат дека, поради реорганизација и зголемен капацитет, службите во моментов функционираат со зголемена ажурност.

„Благодарение на реорганизацијата и зголемениот капацитет, управните служби моментално работат со максимална ажурност и ефикасност. Процесот е целосно оптимизиран и овозможува брзо и едноставно закажување на термините за фотографирање, минимално време за чекање пред шалтерите и експресно изготвување на документите во законски предвидениот рок (па дури и порано). Пред нас е период кога традиционално се зголемува фреквенцијата во управните служби поради годишните одмори и пристигнувањето на нашите сограѓани од дијаспората“, информира МВР.

Апел: Подигнете ги документите навреме

Од Министерството посочуваат дека навременото подигнување на изготвените документи помага да се задржи брзината на обработка и да се спречи создавање гужви.

„Со навременото подигнување на готовите документи уште сега, граѓаните директно придонесуваат да се задржи овој брз и ефикасен ритам на работа и спречувате создавање на непотребни гужви и долги редици во пресрет на летниот период“, стои во соопштението.

МВР ги повикува граѓаните да ја проверат важноста на своите документи и, доколку се веќе изработени, да ги подигнат од надлежните служби.