Трагичната несреќа на обиколницата „Мајка Тереза“ која што се случи синоќа беше фатална за 40 годишна скопјанка од Трубарево. Несреќната жена била сопатник на мотоцикл кој се судрил со автомобил „опел корса“ при што на самото место подлегнала на повредите. Возачот на мотоциклот, како и двајцата патници од автомобилот се здобиле со телесни повреди, при што веднаш биле пренесени во ГОБ „8 Септември.
Овој дел од обиколницата, на влезот кон Радишани, е кобното место, каде синоќа околу 21 часот, при судир на спортски мотоцикл со автомобил животот го загуби 40 годишна скопјанка.
Кој ја предизвикал несреќата, истрагата на обвинителството допрва ќе покаже. Од МВР велат и покрај сите превентивни мерки кои што се преземаат, сепак најбитно е секој возач да тргне од себе – да ги почитува сообраќајните правила, со тоа ќе се заштити себеси и останатите учесници во сообраќајот.
Апелираме до граѓаните, да се внимава, да се почитуваат сообраќајните правила и прописи, правиме превентивни акции, но се разбира преземаме и репресивни мерки за оние кои што не ги почитуваат сообраќајните правила се со цел да се избегнат вакви сообраќајни незгоди со смртни последици, односно со тешки последици.
-Најчести жртви при вакви судири се мотоциклистите, па затоа е клучно да се носи заштитна опрема, оти многупати ги спасила од фални последици. Да внимаваат на крстосниците и да возат со нормална брзина. Кај возачите на автомобили пак да се подигне свеста. Тие не се единствени учесници во сообраќајот, па често мислат дека имаат предност во секоја ситуација што доведува до несреќи, вели првиот човек на мотоциклистичката федерација Ленин Јовановски
Најнапред е моторот со кој што возите да е безбеден, да е исправен, да носите опрема која што е предвидена за вашето патување, и она што е најбитно е да се внимава на туѓите грешки/Автомобилистите, еве и од лично искуство знам дека не до крај внимаваат на мотоциклистите, а некои дури не ги познаваат доволно сообраќајните правила, па често на крстосниците знаат да пресечат пат на мотоцикл и тоа да биде со фатални последици.
Трагична несреќа со две жртви се случи вчера попладнето и во струмичко, кога трактор со две лица излетал од патот и се превртел. Загинатите биле на возраст од 51 и 74 години.