Корисниците сè потешко ги препознаваат дигиталните измами
Речиси 90 проценти од луѓето велат дека повеќе не можат лесно да утврдат дали содржината што ја гледаат на интернет е вистинска или е создадена со помош на вештачка интелигенција. Истражување спроведено во пет земји покажува дека кај корисниците расте несигурноста при препознавањето измами и лажни содржини.
Анкетата на компанијата за сајбер безбедност „Малвербајтс“, спроведена меѓу 1.500 испитаници во Австрија, Велика Британија, Германија, Швајцарија и САД, покажала дека 88 проценти од испитаниците сметаат дека е сè потешко да се направи разлика меѓу содржина создадена од човек и онаа генерирана со вештачка интелигенција.
„Дури 88 проценти од испитаниците рекле дека е сè потешко да се направи разлика која содржина на интернет е оригинално создадена од човек или е вистинска, а која не е“, според анкета спроведена од компанијата за сајбер безбедност Малвербајтс.
Измамите стануваат сè поубедливи
Речиси ист процент од испитаниците изјавиле дека тешко ги разликуваат измамите од автентичните содржини на интернет.
Тоа е значително повеќе во споредба со минатата година, кога истото го изјавиле 66 проценти од анкетираните.
Секој четврти учесник во анкетата навел дека во последните 12 месеци добил персонализирана порака чија цел била измама.
„Измамниците користат вештачка интелигенција за злоупотреба на личните податоци и односите на доверба, што доведува до сѐ поизразен страв од кражба на идентитет“, соопшти компанијата, објаснувајќи дека употребата на чет-ботови ја замаглува „границата меѓу вистинското и лажното“.
Корисниците стануваат повнимателни
Поради ваквите искуства, сè повеќе луѓе се воздржуваат од споделување лични информации на интернет и поретко објавуваат содржини на социјалните мрежи.
Ова би можело да влијае и врз големите платформи, чиј бизнис модел се темели на податоците што ги споделуваат корисниците и интересот на огласувачите за тие информации.
„Повеќе од три од пет лица реагираат со повлекување — помалку ги користат социјалните мрежи, бришат стара содржина и поретко објавуваат информации за себе и за своите деца“, наведува компанијата во својот извештај.
