Полициски службеници денеска, 10 септември 2026 година, спроведоа превентивни активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот и спречување на кражбите во повеќе градови низ државата. Граѓаните добиле совети за ризиците од користењето мобилен телефон при возење, задолжителното носење сигурносен појас и начините за заштита на домовите и личните предмети, соопшти Министерството за внатрешни работи.

На подрачјата на Велес, Неготино, Делчево и Свети Николе, полициски службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес, ОВР Неготино и СВР Штип ги реализирале активностите „Не користи мобилен телефон додека возиш“ и „Користи сигурносен појас“.

Во рамките на активностите, на граѓаните им било укажано на ризикот од користење мобилен телефон при управување со возило. Тие биле информирани и за обврската за користење сигурносни појаси, која се однесува и на возачите и на патниците во возилата.

Одделението за превенција при СВР Скопје во централното градско подрачје спровело превентивна активност насочена кон безбедноста на пешаците. На граѓаните им била нагласена важноста од почитувањето на сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на сообраќајната култура и зачувување на личната безбедност, како и на безбедноста на сите други учесници во сообраќајот.

Полициски службеници од ОВР Македонски Брод одржале превентивна активност и со учениците од основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во селото Пласница. Учениците биле запознаени со основните сообраќајни правила и прописи, како и со начините за безбедно движење од домот до училиштето и обратно.

Во Велес, Кавадарци и Берово, полициски службеници од СВР Велес, ОВР Кавадарци и Полициската станица Берово ја реализирале превентивната активност „Заштити го својот дом“. Преку непосредна комуникација, граѓаните биле советувани како да се заштитат од различни видови кражби, како да ги обезбедат своите домови и да внимаваат на личните предмети.

Во рамките на превентивните активности бил поделен и печатен едукативен материјал.