Младата пациентка имала хронично заболување јувенилен дијабетес тип 1 и не била вакцинирана. Тегобите кај пациентката биле девет дена пред да биде примена на Инфективната клиника во Скопје. Според лекарските извештаи, на 18 октомври младата пацинетка за првпат побарала лекарски преглед во Клиничката болница во Битола. Пациентката била донесена во болница со ниска сатурација, телесна температура 40С, отежнато дишење и болки во телото и мускулите. Овие симптоми пациентката ги имала неколку дена пред да побара лекарска помош во болницата во Битола. Лекар ја прегледал во пнеумофизиологија – амбуланта за суспектни пациенти со Ковид, тестирана е за Ковид-19 и истот ден е добиен резултат – Ковид позитивна. Поради сериозност на состојбата задржана е во болница и поставена на перманентна кислородна поддршка.
За пациентката, поради тежината на состојбата, возраста и коморбидитетите, веднаш е организиран транспорт на Клиниката за инфективни болести во Скопје. На 19 октомври пациентката со возило на Итната медицинска помош е донесена на Клиниката во многу тешка состојба. За време на транспортот е на постојана кислородна поддршка под надзор на медицински тим во возилото. Пациентката е примена во единица за интензивна нега на Клиниката и почнат е интензивен третмант по протокол за лекување пациент со тешка Ковид-19 инфекција. Во тек на престојот следи прогресивно влошување на состојбата со влошување на лабораториските, биохемиски анализи, рендгенграфски наод и клиничка слика. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот дена драматично се влошиле виталните параметри на пациентката, што довело до срцево белодробно попуштање. И покрај сите преземени дијагностички, тераписки и реанимациони мерки пациентката денеска во раните утрински часови почина, информираат од Министерството за здравство.