-На претседателот Бајден од влезното црево му беше отстранет полип со бениген изглед од три милиметри (…) Примерокот земен за хистолошки преглед е идентификуван како тубуларен аденом, сличен на полипот, кој му беше отстранет во 2008 година, се наведува во соопштението за медиумите дистрибуирано преку акредитираниот новинарски пул во Белата куќа со согласност на пациентот.
О’Конор појаснува дека неоплазмата кај американскиот претседател е бенигна, но оти се смета за „потенцијално претканцерозно нарушување“. Состојбата сѐ уште не бара дополнителна интервенција, додава лекарот на американскиот претседател.
На Бајден, кој на 20-ти ноември наполни 79 години, му е препорачано рутинско набљудување. По правило, втората колонскопија се препорачува по седум до десет години, појаснува О’Конор.
Американскиот претседател Џо Бајден, кој во петокот беше на лекарски преглед и подложен на колоноскопија, „подготвен е за должноста и способен е да ги извршува своите обврски без никакви прилагодувања“, наведе неговиот лекар во писмото кое го објави Белата куќа.
Кевин О’Конор, лекарот на американскиот претседател, наведе во петокот дека со колоноскопијата е пронајден „полип со бенигнен изглед“ кој лесно е отстранет и тогаш најави дека хистолошката евалуација ќе биде довршена на почетокот од седмицава. Претседателот никогаш немал рак на дебелото црево, истакна тогаш лекарот на Белата куќа.
О’Конор, исто така, објави дека Бајден покажал зголемена зачестеност и сериозност во „прочистувањето на грлото“ поради рефлуксот, што барало детален преглед. Тој преглед не открил тумори, чиреви, рак или други сериозни состојби, наведува лекарот.
Одот на Бајден, исто така, се чини „чувствително потврд и помалку флуиден отколку во минатото“, напишал О’Конор. Наодите покажале дека поголем дел од вкочанетоста може да се припише на трошењето на ‘рбетот.
Бајден продолжи да ги извршува своите претседателски должности во петокот околу 17,15 часот по македонско време, по кусото префрлање на овластувањата на потпретседателката Камала Харис во текот на анестезијата. Харис, така, стана првата жена во историјата на САД којашто имала претседателски овластувања.
Бајден како 78-годишник стана најстариот американски претседател во историјата. Иако сѐ уште се шпекулира дали повторно ќе се кандидира 2024 година, самиот тој вели дека го очекува и вториот мандат.