Првите анализи во некои бугарски медиуми одат во насока на тоа дека се става свилен гајтан околу Бојко Борисов и неговата политичка иднина. Главни актери во оваа афера се Васил Бошков, Делјан Пеевски и Илко Жељасков сите санкционирани според законот „Магницки“. Нивните сметки ќе бидат замрзнати.
За Македонија најинтересни се Александар Манолев, Петар Харалампиев и Красимир Томов. Тие се обвинети дека преку Државната агенција за Бугарите во странство земале мито за да издаваат бугарски пасоши.
Тој случај е отворен пред три години, притисокот тогаш го вршеше и Европската унија, но бавно се одвива процесот. Меѓу инволвираните се спомнуваше и името на министерката Екатерина Захариева.
– Како претседател на Државната агенција за Бугари во странство и генерален секретар на Државната агенција за Бугари во странство Харалампиев и Томов учествуваа во коруптивни активности што го нарушија владеењето на правото и доверба на бугарското општество во нивните демократски државни институции и социјални процеси, вклучително и со користење на политичкото влијание и службените овластувања за лична корист“, стои во објаснувањето од САД.
Пасошите кои ги добивале Македонци биле издавани по експресен пат, но за тоа плаќале мито. Во обвинението се посочува дека Томов во банкарски сеф чувал 181.930 евра, 152.770 лева, 32.250 американски долари и 15 британски фунти, односно вкупно 563.936 лева, а парите не биле пријавени. Во исто време, тој знаел дека сумата е добиена на криминален начин.