Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје доби лабораторија за органска хемија, вредна 2 милиони денари, која ќе овозможи повисок квалитет на студирање. На отворањето денес присуствуваа министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на факултетот проф. д-р Игор Јорданов.
Министерката Јаневска истакна дека во СТЕМ образованието, на кое се темели современиот технолошки развој, лабораториите претставуваат основен ресурс. Преку практична настава студентите најдобро учат, развиваат вештини и компетенции што се бараат во индустријата, стануваат поконкурентни на пазарот на труд и поподготвени за академска кариера.
„Со новиот Закон за високо образование овозможуваме воведување на стручни студии како дополнителна можност за студентите, покрај академските програми. Лабораторијата е важна и за двата типа студии. На студентите на стручните студии ќе им го олесни непосредното вклучување во работните процеси. На академските студии, студентите овде ќе можат да вршат истражувања и да се вклучуваат во научна работа“, рече Јаневска, посакувајќи успешна работа на лабораторијата.
Таа додаде дека инвестирањето во современа образовна и научна инфраструктура претставува и еден од клучните приоритети на Министерството за образование и наука.
„Оваа Влада континуирано го зголемува буџетот за образование. И годинава е рекорден – 40 милијарди денари, од кои 7,5 милијарди се одвоени за универзитетите. Споредбено со, да речеме 2023 година, тоа е двојно зголемување, затоа што сакаме да создадеме услови студентите во Македонија да имаат еднакво добри можности како нивните колеги од поразвиените земји. Тоа е вложување во знаењето и потенцијалот на младите луѓе, неопходно за побрз напредок на државата“, рече министерката.
Потсети и дека минатата година МОН финансираше 40 научно – истражувачки проекти на високообразовните установи кои се во корелација со Стратегијата за паметна специјализација, а два од нив беа предложени токму од Технолошко – металуршкиот факултет.
