Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска со воени почести го пречека началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Норвешка, генерал Ејрик Кристоферсен.

Од Министерството за одбрана информираат дека по пречекот, генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен оствариле работна средба на која дискутирале за одличната билатерална соработка помеѓу двете армии.

– За време на средбата, генералот Ѓурчиновски го искажа задоволството од досегашната соработка, која постојано се одржува на високо ниво, особено во досегашното заедничко учество во мировните операции ИСАФ и „Одлучна поддршка“ во Авганистан, како и во заедничките вежбовни активности. Воедно генералот Ѓурчиновски го запозна својот колега за процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, се вели од соопштението.

За време на престојот во Министерството за одбрана, генералот Кристоферсен оствари средба и со заменик министерот за одбрана Башким Хасани.

– Хасани се заблагодари за норвешката поддршка и за големиот број заеднички проекти на Армијата на Република Северна Македонија со Вооружените сили на Кралството Норвешка. Тој изрази уверување дека во иднина меѓуармиската соработка и соработката помеѓу двете држави, сојузнички во НАТО уште повеќе ќе се интензивира, се додава во соопштението од Министерството.

Одржана беше и средба со дел од клучниот персонал од Генералштабот. Од Министерството велат дека пред делегацијата од норвешките Вооружени сили биле презентирани степенот на трансформација и реформи во Армијата, придонесот во мировните операции, капацитетите на армискиот полигон „Криволак“ за изведување на вежбовни активности и учеството во заедничките активности кои ги имаме.

Генералите Ѓурчиновски и Кристоферсен претпладнево присуствуваа на отворениот настан на гардистите на Армијата и Кралската гарда на Норвешка, што се одржа на Плоштадот Македонија, а за вечерва е предвиден концерт на воениот оркестар на норвешката Гарда во Македонската филхармонија.

Во текот на денот, генералот Кристоферсен ќе оствари средба и со претседателот и врховен командант Стево Пендаровски.

– Армијата на Република Северна Македонија и Министерство за одбрана имаат развиено одлични билатерални релации со Вооружените сили на Кралството Норвешка кои се одвиваат на повеќе полиња како што се: стручно усовршување на офицери и подофицери за штабни должности, обука и размена на искуства во санитетската обука, односи со јавноста и друго, велат од Министерството.

Како резултат на одличната билатерална соработка помеѓу двете армии, од Министерството за одбрана информираат дека хируршки тим од земјава беше дел од Мисијата на норвешката полска болница во Авганистан во рамките на ИСАФ, а на самиот завршеток од операцијата „Одлучна поддршка“ во состав на норвешкиот контингент учествуваше и македонски медицински тим.

Во рамки на соработката, во последните пет години, Норвешка на нашата Армија и донираше софистицирана опрема за заштита на телекомуникациските врски, медицински материјал и компјутерска опрема, како и донација за Лесна маневарска полска болница, која досега најде примена не само на вежбовните активности, туку и како помош на јавното здравство во почетокот на пандемијата со Ковид-19.