Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова од денеска престојува во работна посета на Австрија, каде што ќе учествува на 22. Европски самит во Салцбург. Во рамките на собирот, таа ќе се обрати на сесијата „Дали Европа (сè уште) е глобален играч?“.
За време на престојот, Сиљановска-Давкова ќе оствари средба со претседателот на Институтот на регионите на Европа, Франц Шаусбергер, како и со гувернерката на сојузната покраина Салцбург, Каролин Етстадлер.
Во програмата на посетата е предвидено претседателката да го посети и Глобалниот семинар во Салцбург.
Сиљановска-Давкова ќе ја посети и македонската православна црковна општина „Св. Архангел Михаил“ во Халејн.
Европскиот самит во Салцбург е годишен собир што го организира Институтот на регионите на Европа. На настанот учествуваат водечки политичари, дипломати, експерти и претставници на бизнис-заедницата.
Главната тема на годинашниот самит е „Европа – суверен глобален играч?“. Разговорите ќе бидат насочени кон безбедноста на континентот, економската конкурентност, демографските промени и проширувањето на Европската Унија.
