Најмалку 23 лица загинаа, а триесетина други се повредени во силниот пожар што ноќеска зафати болница за пациенти со Ковид-19 во Багдад, соопштија очевидци, пренесува ДПА.

Околу 90 други пациенти се спасени од пожарот во болницата „Ибн ал-Катиб“, во југо-источниот дел на Багдад, изјави началникот на службата за цивилна одбрана генерал-мајор Кадем Бухан.

-Успеавме да спасиме 90 пациенти и придружбата од 120 лица, изјави генаралот за ирачката државна агенција ИНА.

Тој додаде дека во пожарот има жртви, но не даде конкретни бројки.

Според лице од истрагата, се уште не е јасна причината за пожарот. Има различни претпоставки за причината за пожарот. Некои го припишуваат на краток спој во напојувањето со струјата, додека други велат дека тоа е предизвикано од недостаток на уреди за кислород, соопшти ИНА.

Агенцијата додава дека противпожарните екипи успеаја да го стават под контрола и да го изгаснат.

Првично, медиумите соопштија дека експлодирале шишиња со кислород, а големиот пожар што следел го зафатил Одделот за болни со коронавирус во болницата, додава ДПА.