Предлогот на финансискиот план за 2027 година содржи силна развојна компонента и јасна визија за поддршка на граѓаните и економијата. Ова беше истакнато за време на собраниската расправа во Комисијата за финансирање и буџет.

„Пред нас стои Предлог-буџетот за 2027 година, финансиски документ со јасна визија, чесна намера и силна развојна компонента. Во време кога глобалната економија сè уште се соочува со сериозни предизвици, оваа Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува како домаќински, одговорно и храбро се управува со секој денар на граѓаните“, вели Ристески.

Тој нагласи дека се намалува буџетскиот дефицит од 4,1% на 3,5% од БДП, односно примарниот дефицит се спушта за над 5,1 милијарда денари со воведување цврста фискална дисциплина. Притоа, проектираните вкупни приходи се на ниво од 395,4 милијарди денари, што претставува раст од 5,7% во однос на 2026 година, додека расходите изнесуваат 440,4 милијарди денари или за 4,8% повеќе.

Според пратеникот, парите директно се насочуваат кон граѓаните, реалната економија и стабилноста на државата. Тој образложи дека буџетот почива на три столба: економски раст од 3,8%, финансиска стабилност и континуирано подигнување на животниот стандард, што опфаќа сигурност за пензионерите, повисоки плати и поголеми социјални трансфери.

„За социјални трансфери во 2027 година издвојуваме рекордни 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1% во однос на минатата година. Од нив, над 123,8 милијарди денари одат за раст на пензиите, што претставува зголемување од 4,8% споредбено со лани. Пензиите продолжуваат редовно да се исплаќаат и да растат, а пензионерите, конечно, ја имаат почитта и сигурноста што ја заслужуваат. Така да 330 илјади граѓани на Република Македонија, пензионери можат да бидат спокојни дека и оваа година ќе добиваат редовно своја пензија и нивните пензии редовно ќе растат како што за две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, нивните пензии се зголемени за седум илјади денари“, рече Ристески.

Ристески посочи дека за социјална заштита на најранливите категории граѓани се обезбедени 14,3 милијарди денари, со порака дека државата мора да покаже вистинска грижа за оние на кои помошта им е најпотребна.

„Истовремено, средствата за плати се зголемуваат за 6,6% со што обезбедуваме повисоки примања и подобар животен стандард за илјадници семејства. Силна инвестиција во младите и студентите, нашата најголема сила и иднина. Младите не смеат да ја бараат својата среќа надвор од границите на татковината, затоа во 2027 ги зголемуваме средствата за активни политики и мерки вработување за цели 20,8%, на 2,9 милијарди денари. Значи, за цели 20,8% повеќе средства за вработување на младите во споредба со минатата година. Тоа се директни пари за отворање нови работни места, поддршка за млади претприемачи, самовработување и шанса секој млад човек да успее дома“, истакна Ристески.