Над 240 лажни дојави за бомби во училиштата
Над 240 лажни дојави за бомби денеска ги испратија на „продолжен викенд“ дел од учениците. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, соопшти дека денеска македонската полиција регистрирала повеќе од 240 пријави за поставени експлозивни направи во училишните објекти, но сите проверки потврдиле дека овие дојави биле невистинити. По шестчасовна работа на терен, Јанев оцени дека безбедносната состојба во државата останува стабилна.
Граѓаните треба да останат смирени – полицијата постапува по протокол
Од полицијата соопштија дека нема простор за паника. Станува збор за лажни дојави за бомби.
„Нема причина за страв, родителите, наставниците и учениците можат да бидат мирни. Сите дојави за поставени експлозиви кои ги испитавме, се покажаа како лажни. Се работи за повеќе од 240 пријави, но македонската полиција реагираше професионално, без паника, со брза и координирана акција. Нашите службеници влегоа во училиштата, разговараа со директорите и спроведоа детални проверки на сите критични локации. Постапивме според воспоставените безбедносни протоколи и алгоритми. Во објектите каде што безбедносните параметри беа во зелена зона, наставата продолжи без прекин, додека во местата каде што имаше сомнителни фактори, беа извршени дополнителни проверки. Во сите случаи, се потврди дека станува збор за лажни дојави,“ истакна Јанев.
Се истражува потеклото и мотивите на лажните дојави
„Во моментов работиме во тесна соработка со Интерпол и Европол. Веќе следиме одредени траги и сме во комуникација со службите од Хрватска и Унгарија, бидејќи и тие неодамна беа погодени од слични закани. Хрватска се соочи со вакви ситуации пред неколку дена, додека Унгарија околу 23 јануари. Македонската полиција продолжува да работи со директорите на училиштата и во текот на денот ќе добијат јасни насоки за постапување во случај на идни инциденти,“ нагласи Јанев.
МВР презема мерки – ќе се утврди кој стои зад заканите
„Министерството за внатрешни работи ќе ги преземе сите неопходни превентивни и репресивни мерки доколку тоа биде потребно, со цел да се открие кој и зошто ги организира овие лажни дојави. Веќе се одржуваат дополнителни состаноци помеѓу различни министерства, а ние ќе продолжиме да соработуваме и во иднина. Задоволен сум што не беше создадена паника. Очигледно е дека некој се обидува да ја наруши стабилноста и безбедноста во земјата, користејќи хибридни методи или симулации на напади за да го дефокусира безбедносниот систем. Македонската полиција и сите надлежни институции во изминатите месеци покажаа одлучност во борбата против сите форми на криминал и ќе продолжат во истата насока,“ изјави Јанев во Тетово.
Наставата продолжена во некои училишта
Како што пренесува МИА, во дел од училиштата, по завршените проверки од страна на МВР, наставата е веќе продолжена.
Изјава од градоначалникот на Аеродром
Градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, изјави за СДК:
„Утрово во шест школи имаше дојави за бомби. Учениците се веднаш евакуирани, изнесени од школите. Тимови на МВР прават проверки. Веднаш штом ќе завршат проверките и добиеме потврда дека училиштата се безбедни, наставата ќе продолжи“.