Над еден милион патници, односно 1.100.000 лица го поминале граничниот премин Евзони за влез во Грција, од јуни годинава до сега, додека пак во истиот период земјата ја напуштиле 940.000 посетители, покажуваат податоците што денеска ги објави грчката државна телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Зголемениот број возила на граничниот премин Евзони и неколкучасовните чекања за влез во земјата, во изминатите денови се сè почеста тема во медиумите во Грција.
„Километарски колони и доцнења на Евзони“ – е најчестиот наслов во грчките медиуми о изминатите денови, а во текот на викендот на дел од телевизиите имаше и директни вклучувања од граничните премини.
Дел од грчките медиуми анализираат и како целата ситуација со доцнењата на граничните премини се одразува и врз туризмот во северна Грција, односно на Халкидики и областа Пиерија што се омилените дестинации на туристите од Балканот.
Претседателот на Здружението на хотелиери на Пиерија и потпретседател на Федерацијата на хотелиери на Грција Ираклис Цитлакидис, за грчката телевизија „Скај“ утрово посочи дека доцнењата за влез во Грција влијаат негативно и за оние кои доаѓаат секоја година, бидејќи тоа „би можело да делува како одвраќачки фактор.“
Непријатно е кога посетителите се принудени да чекаат со часови на граница и првата слика што ја добиваат е негативна, факт што директно влијае како на туристичкото искуство така и на конкурентноста на регионот, објасни Цитлакидис.
На Халкидики, според претседателот на Здружението на хотелиери и на Туристичката организација на Халкидики, Григорис Тасиос, сезоната ќе заврши со намалени приходи и пристигнувања споредено со лани.
Како што веќе објави МИА на почетокот на летото, новиот систем на ЕУ за биометриска регистрација на патници од трети земји, дава можност на одредени гранични премини и во случај на зголемен сообраќај, а со цел воспоставување нормален проток на патници и возила, привремено и делумно да се суспендира имплементацијата на ЕЕС системот, односно регистрацијата да се врши без земање биометриски податоци се до 6 септември годинава.
Нешто што веќе се преименува на Евзони, односно регистрацијата во системот се спроведува регуларно, но без фотографирање и земање отпечатоци
