Повеќе од сто Палестинци загинаа, а десетици се ранети во израелски напад врз училиште во Појасот Газа, велат палестинските власти во областа. Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека училиштето Ал-Табин било погодено од три израелски ракети при што некои тела се запалиле.
„Ова очигледно доаѓа во рамките на злосторството геноцид и етничко чистење врз нашиот палестински народ“,велат палестинските власти.
Според неофицијални информации во моментот на нападот во училиштето имало 250 цивили. Спасувачките тимови не биле во можност да им помогнат на заробените од огнот, оти претходно израелската војска го прекинала пристапот до вода во областа. Поголем број од загинатите биле убиени во салата за молитва во училиштето, а загинати има и во блиските училници кои биле погодени од летечки шрапнели од бомбите. Многу од жртвите биле донесени во болницата во Газа со тешки повреди, додека пак телата на починатите кои биле донесени се доведени до степен на непрепознавање, па затоа и нивната идентификација е отежната.
Израелската армија пак, информираше дека нападнале командно-контролен центар кој служел како засолниште за терористите и командантите на Хамас.
„ИАФ прецизно ги погоди терористите на Хамас кои дејствуваат во командниот и контролниот центар на Хамас, вграден во училиштето Ал-Табаин и лоциран до џамијата во Дарај Туфах, која служи како засолниште за жителите на градот Газа“,велат оттаму.
Во соопштението се вели и дека армијата преземала голем број на безбедносни чекори за да се минимизира ризикот од цивилни жртви. Палестинскиот исламски џихад ги отфрли тврдењата на израелската војска велејќи дека тие се само изговори за Израел да продолжува да убива невини цивили.
„Изговорите на непријателската армија за уништување на училиштето се истите како оние што ги користеше за уништување болници претходно. Тоа се докажани лаги“,велат од Палестинскиот исламски џихад.