Цените на нафтата на светските берзи бележат остар пад откако Иран најави дека Ормускиот теснец ќе биде целосно отворен за комерцијален сообраќај, во согласност со прекинот на огнот меѓу Израел и Либан.
Цената на суровата нафта од типот „брент“ се намали на околу 88 долари за барел, од претходни над 98 долари, што претставува пад од речиси 12 проценти во текот на денот.
Ормускиот теснец е клучна поморска рута што го поврзува Персискиот Залив со Арапското Море, преку која се транспортира околу една петтина од светската нафта и течен природен гас.
По објавата, позитивна реакција имаше и на финансиските пазари. Главните берзански индекси во САД и Европа пораснаа, при што парискиот CAC и франкфуртскиот DAX забележаа раст од над два процента, а лондонскиот FTSE 100 порасна за околу 0,5 проценти.
Пред почетокот на конфликтот, цената на „брент“ беше под 70 долари за барел, но во текот на кризата надмина 100 долари и достигна максимум од 119 долари во март.
Падот на цените може да се одрази и на домашниот пазар. Доколку трендот продолжи, можно е намалување на цените на горивата во Македонија по следната пресметка на Регулаторната комисија за енергетика.
