Претстојат инвестиции, нови авио линии  – првичните резултати од посетата на Обединетите Арапски Емирати

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека првата убава вест поврзана со посетата на Обединетите Арапски Емирати ќе биде објавена веќе утре. Ќе се однесува на административно-политичка соработка. Иако таа требаше да биде презентирана денес, одредени технички усогласувања го одложиле тоа за 24 часа. Тој увери дека економските убави вести, кои вклучуваат странски инвестиции, ќе следуваат до крајот на годината.

ОАЕ гледаат потенцијал за инвестиции во обновливите извори на енергија, агробизнисот, туризмот и инфраструктурата во земјава

Средби на високо ниво во Абу Даби

Мицкоски ја оцени посетата како исклучително успешна, нагласувајќи дека средбата со претседателот и емирот на ОАЕ наместо планирани 20 траела дури 75 до 80 минути. Тема на разговор биле и геополитичките случувања, но и конкретни економски прашања.

Инвестиции и четири стратешки области на интерес

Премиерот информираше дека македонската делегација имала средби со Претставници на Стопанската комора на Дубаи. Разговорите биле фокусирани на туризмот, енергетиката, градежништвото и инфраструктурата, што се сметаат за клучни за развој на економијата.

Дополнително, биле остварени средби со големи компании заинтересирани за инвестиции во:

изградба на централите Чебрене и Галиште,

развој на ски-центарот Попова Шапка,

проекти во градежниот сектор.

Повраток на авио-линијата Скопје – Дубаи

Како конкретен резултат, Мицкоски потврди дека редовната авио линија Скопје – Дубаи ќе се врати од есен, со операторот „Флај Дубаи“. Договорот со Министерството за транспорт веќе е потпишан. Се преговара и за нова дестинација, можеби Дубаи и Абу Даби – Охрид, со можност тоа да го извршува „Емиретс“ или „Арабија“.

Зголемување на платите и контрола на цените

Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски истакна дека просечните плати се зголемени за 9,6% според официјални податоци. Дополнително, од 1

мај ќе започнат инспекции на терен од Државниот пазарен инспекторат, со цел да се спречат нови поскапувања на прехранбени производи.

Платите во образование, здравство и полиција се веќе зголемени, што било дел од претходно ветениот план.