Според надлежните, дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа мора да имаме посериозна одговорност.
На територија на земјава до синоќа имаше два активни пожара, во скопското село Раовиќ и на потегот меѓу селата Барово и Вешија, каде на непристапен терен беше опожарена мешовита нискостеблеста и вискостеблеста шума. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во гаснењето на пожарот интервенираат две теренски возила, една цистерна на Територијалната противпожарна единица (ТПЕ) од Неготино со шест пожарникари, четири цивилни лица волонтери, едно теренско возило, четворица пожарникари од ТПЕ од Кавадарци и теренско возило и пет вработени од ШС Демир Капија. По барање на градоначалникот на општина Демир Капија ангажирани се и два армиски хеликоптери.
За пожарот кај село Раовиќ, во општина Сарај, надлежните информираа дека повторно на три-четири места се забележува чадење на самиот срт и по сртот на планината Осој. Пожарите кај селата Дивље и Крушија, пак, се ставени под контрола. Изгаснат е пожарот што избувна во текот на вчерашниот ден на месноста викана Градишче, атар на село Владимирово, а пожарот на градската депонија Виница во место викано Лесковски пат е локализиран, но не и целосно ликвидиран. Ставен е под контрола пожарот, кој избувна меѓу селата Матејче и Виштица, каде гори сува трева и грмушки.
Појава на пожар на отворен простор имало и во атарот на село Отља, кон село Матејче. Во гаснењето на овој пожар се вклучени тројца пожарникари со противпожарно возило, четворица полицајци од ПС Матејче, како и 30-тина граѓани од село Отља. Пожарот е ставен под контрола и не постои опасност од проширување кон објекти и шума.
Француските експерти за високо ризични пожари и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов заедно со полициските специјалци вчера беа во природниот резерват „Јасен“, каде имаше дојава за мал чад и за можни жаришта на пожари. На терен не беа окриени жаришта, но сепак контролата на теренот по највисокиот срт продолжува од страна на македонските полициски специјалци и француските експерти за високоризични пожари.
Бугарските медиуми објавија дека првата група на бугарски пожарникари, односно 25, кои беа испратени да ни помогнат во гаснењето на пожарите се вратија во својата земја, во Благоевград и Смолјан. Тие една недела со три противпожарни возила се бореа со пожарите во земјава.
Бугарските пожарникари беа испратени на 4 август, кога пожарот се приближуваше кон бугарската граница. Бугарските пожарникари го гаснеа огнот заедно со своите македонски колеги и со пожарникари од Австрија и Словенија.
Според Бугарската национална телевизија (БНТ), во нашата држава има останато уште 27 бугарски пожарникари кои ќе продолжат да помогаат до целосно гаснење на пожарите.
Во текот на вчерашниот ден гореше депонијата „Краста“ во Куманово. Екипи на „Чистота и зеленило“, на приватни компании со механизација, а претходно и екипи на територијалната противпожарна единица го локализираа пожарот.
Во Беровско, пак, се спроведе акција за собирање пластични шишиња и отпадоци оставени по големите шумски пожари. Акцијата се реализираше во соработка со општинската администрација, граѓани ангажирани преку програмата за јавна работа, вработени во јавното претпријатие за комунални услуги, како и доброволци кои помогнаа во собирањето пластичните шишиња и други отпадоци оставени во гаснењето на големите шумски пожари што го зафатија беровско – пехчевскиот регион.
Во активностите за гаснење и превенирање на пожарите во земјава од страна на МВР се ангажирани полициски службеници, реализирани се мото-патроли и користени се возила, a на терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата. За пожарите на подрачјето на ОВР Делчево, на службен разговор биле повикани две лица на возраст од 57 и 47 години, од с.Нов Иственик и од с.Црник.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во објава на Фејсбук напиша дека дел од пожарите во земјава се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа, како што апелираше, мора да имаме посериозна одговорност.
– Досега МВР има приведено 17 лица, во полициска станица се повикани 16 лица, поднесени се три кривични и две прекршочни пријави. Се уште се работи на добар дел од овие случаи и штом ќе заврши со целата постапка ќе се поднесат соодветни поднесоци, напиша Спасовски.
Постапката, како што се наведе, се води во координација со Јавен обвинител и од таму се добиваат насоките во однос на квалификација на кривичното дело.
Од МВР постојано апелираат строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не се фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце можат да предизвикаат пожар. Неопходна е максимална будност и целосно одговорно однесување на секој поединец, порачуваат од МВР.