Намален опфат на вакцинација во Куманово

Опаѓа интересот за имунизација на децата во Куманово. Од Здравствениот дом информираат дека, и покрај активностите за подигнување на свеста кај родителите и спроведената едукација, процентот на вакцинација и понатаму останува на незадоволително ниво, пренесува МРТ.

Најнизок е опфатот со вакцината против морбили, кој изнесува 40 проценти. Според здравствените работници, дел од родителите одбиваат имунизација поради недоволна информираност и влијание на дезинформации. Статистичките податоци укажуваат дека најчесто не се имунизираат деца до петгодишна возраст.

Дезинформациите како пречка

Д-р Валентина Богоевска Димитриевска од Здравствен дом Куманово посочува дека периодот кога децата почнуваат да зборуваат и проодуваат се поклопува со одредени вакцини од календарот, што кај некои родители создава страв и погрешни заклучоци.

„Се поклопува во тој период кога дечињата почнуваат да зборуваат, кога некои почнуваат да проодуваат и мислат дека ако ја дадат тогаш вакцината дека детето ќе престане да зборува или ќе престане да оди. Има и такви родители значи коишто воопшто си одат по календарот за имунизација си гледаат да си го заштитат своето дете и воопшто не подлегнуваат на тие информации односно дезинформации“, истакна д-р Богоевска Димитриевска.

Зголемен интерес бил забележан единствено за време на епидемијата на голема кашлица, кога пред вакциналниот пункт имало редици од деца и родители.

Инспекциски постапки за родителите што одбиваат

И покрај законските одредби, во градинките и училиштата сè уште има деца кои не се имунизирани. Надлежните институции доставуваат список до Државниот санитарен и здравствен инспекторат со имињата на родителите кои целосно одбиваат да ги вакцинираат своите деца.

Meta description: Опаѓа интересот за вакцинација во Куманово, со најнизок опфат од 40 проценти за вакцината против морбили. Дел од родителите одбиваат имунизација поради дезинформации.