Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакна дека намалувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) за горивата од 18 на 10 проценти веќе носи значителни заштеди за македонските граѓани. Според него, мерката е дел од владината стратегија за штитење на животниот стандард и одржување економска стабилност во услови на глобална енергетска и економска криза.
Станува збор за една од најголемите кризи, енергетски и економски кризи во поновата историја… Пред сѐ треба да се внимава на заштитата на животниот стандард на граѓаните, кој е главен приоритет на оваа Влада.
Ристески појасни дека дневната заштеда за граѓаните се движи од 250.000 до 350.000 евра, а ако се вклучат и бензините, износот достигнува максимално 350.000 евра дневно. Тој додаде дека за периодот од два месеца колку што важи мерката, вкупната заштеда може да изнесува три до четири милиони евра.
Нашите одлуки и мерки се добро анализирани и разговарани меѓу повеќе институции и министерства. Гледаме не само да го заштитиме животниот стандард, туку и да не предизвикаме големи последици врз економијата и буџетот на државата.
Според податоците на Министерството за економија, малопродажната цена на литар бензин БС-95 во земјава изнесува 99 денари, а литар дизел 104,5 денари, што е пониско од цените во соседните држави. Ристески потврди дека Владата ќе продолжи да ја следи состојбата на светските пазари и да прилагодува мерките во зависност од движењата на цените на нафтените деривати.
