Целта е детето што тргнува на училиште да може безбедно да ја премине улицата, а лицето што користи инвалидска количка непречено да се движи по тротоарот. Меѓу клучните инфраструктурни приоритети од првиот ден се поставени булеварот „Борис Трајковски“, мостот на улицата „Љубљанска“ и сообраќајната клучка „Момин Поток“, чија вредност граѓаните ќе ја почувствуваат секојдневно при безбедно патување до работа, училиште и домот.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски учествуваше на втората Национална конференција за безбедност на патиштата, каде што ја истакна заедничката обврска до 2030 година да се намали бројот на загинати и тешко повредени во сообраќајот за најмалку 50 проценти. Тој додаде дека за главниот град е поставена уште поамбициозна цел, односно нула сообраќајни несреќи со смртен исход до 2030 година.
„Како градоначалник, моја одговорност е да направам сѐ што е во моја моќ за секое дете безбедно да стигне на училиште и секој родител да се врати дома кај своето семејство. Во мојата програма предвидов редизајн на 50 критични крстосници и улици според докажани европски стандарди. Ќе вложуваме во подобро осветлување, јасна сигнализација и поврзани пешачки и велосипедски патеки. Моја цел е детето што тргнува на училиште да може безбедно да ја премине улицата, а човекот што користи инвалидска количка да може непречено да се движи по тротоарот. Токму затоа, уште од првиот ден, меѓу приоритетите ги ставив булеварот „Борис Трајковски“, мостот на „Љубљанска“ и клучката „Момин Поток“. Нивната вредност скопјани ќе ја почувствуваат секој ден кога ќе патуваат побезбедно до работа, до училиште и до дома“, рече Ѓорѓиевски.
Во рамки на своето обраќање, Ѓорѓиевски го поздрави проектот „Безбеден град“ на Министерството за внатрешни работи, кој веќе има добиено меѓународно признание. Тој упати признание до министерот Панче Тошковски, потенцирајќи дека автоматското евидентирање на прекршоците значајно придонесува за зголемување на сообраќајната дисциплина зад воланот.
„Правилата мора да важат за сите. А до секој што денес ќе седне зад воланот имам една порака. Да го остават телефонот. Да ја намалат брзината пред пешачки премин. Ниту едно брзање не вреди повеќе од човечки живот. Да бидеме одговорни“, нагласи Ѓорѓиевски.
