Полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, вчера во 17:25 часот, во скопското село Морани, го привеле Б.А. (20) од село Студеничани, врз основа на судска наредба.
Како што соопшти денеска МВР, претходно лицето управувало автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки и не застанало на даден знак за запирање од страна на полициски службеници. Набргу потоа, со возилото удрило во бетонски ѕид, а при движење наназад удрило и во службено возило „шкода јети“, сопственост на Министерството за внатрешни работи.
По приведувањето биле извршени дополнителни проверки, при што било утврдено дека Б.А. бил баран за издржување затворска казна во траење од две години за сторени кривични дела по член 292 и член 288 од Кривичниот законик.
Лицето ќе биде спроведено во надлежната казнено-поправна установа за издржување на казната.
