Тројца пожарникари од Куманово биле нападнати во кругот на Територијалната противпожарна единица, потврдија од СВР Куманово и од Синдикатот на пожарникарите на Македонија.
Од синдикатот информираат дека нападот се случил синоќа и дека бил извршен со тупаници и камења пред самиот објект на единицата.
– Синдикат на пожарникарите на Македонија при НСДА изразува најостра осуда за синоќешниот брутален напад врз тројца наши колеги. Нападот со тупаници и камења врз пожарникари-спасители пред самиот објект на единицата е недозволив чин на насилство врз луѓе кои се во служба на граѓаните – велат од синдикатот.
Тие нагласуваат дека пожарникарите се службени лица и побараа Министерството за внатрешни работи и Обвинителството итно да ги процесуираат напаѓачите до Основниот суд Куманово.
„За напад врз овластено лице мора да има кривична одговорност. Хуманоста не смее да биде цел на напад: Ние сме тука за да спасуваме животи и имоти. Пожарникарите заслужуваат почит и безбедност на своето работно место, а не физички напади. Бараме правда: Овој случај не смее да помине неказнето за да не се повтори. Институциите мора да покажат дека законот важи за сите и дека нападот врз спасителите е напад врз целата заедница“, повикаа од синдикатот.
Нападот го осуди и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој побара брза реакција од институциите.
– Најостро го осудувам нападот што вчера се случи врз тројца пожарникари од Противпожарната единица Куманово. Недозволиво е напад на службени лица при вршење на својата службена должност. Пожарникарите, како и сите лица кои се во служба на чување на безбедност на граѓаните заслужуваат почит, а не физички напади. Апелирам надлежните институции итно да реагираат и да постапат согласно законот. Секој сторител на вакво дело треба да сноси одговорност. Посакувам побрзо закрепнување и враќање на работните задачи на повредените лица – повика Димитриевски.
Од СВР Куманово соопштија дека се приведени две лица.
– Вчера во 17:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода Љ.Г.(32) и Ф.С.(32), двајцата од Куманово. Тие се сомничат дека пред зградата на Територијална противпожарна единица Куманово физички го нападнале С.С.(35) од Куманово, вработен во Територијална противпожарна единица Куманово. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави – соопшти полицијата.
Од Општата болница информираат дека вчера во 18 часот било примено едно лице со повреди на главата. По укажаната лекарска помош, лицето е пуштено на домашно лекување.
