– Овие измени на Кривичниот законик во Министерството за правда се веќе направени, пратени во Владата и поставени на увид. По завршувањето на периодот за забелешки тие ќе бидат изгласани од Владата и пратени понатаму во собраниска процедура. Очекувањата се дека во втората половина на мај тие ќе се најдат пред пратениците за гласање, истакна Видиновски за емисијата „25 Минути“.
Според портпаролот на Министерството за правда во измените на законот покрај новинарите, се вметнати и медиумските работници, односно и снимателите.
– Многу често зборуваме за напад врз новинари, но факт е дека и снимателите на терен, исто така се цел на напади, навреди и закани. Со измените на Кривичниот законик и нападот врз нив ќе се смета за напад врз службено лице, рече Видиновски.