Омбудсманот по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во МВР, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните.
Со оглед на тоа што минатата година поради пандемијата и рестриктивните мерки голем број на граѓани не ги обновија личните документи, а дел пак, не можеа да ги продолжат поради затворените граници, народниот правобранител смета дека надлежното Министерство требало да предвиди ваква ситуација и следствено да го прилагоди работењето.
– Менувањето на системот или неговата надградба во период кога очекувано е да има зголемен прилив на барања за издавање на документи е несоодветно и претставува повреда на правата на граѓаните, поради што народниот правобранител по сопствена иницијатива ќе ги испита евентуални пропусти во работењето на надлежните служби во Министерството за внатрешни работи, кои би биле причина за прекините во издавањето на документите на граѓаните. Истовремено, народниот правобранител бара Министерството за внатрешни работи во делокруг на своето работење да испита зошто граѓаните се доведени во ваква ситуација и да утврди одговорност за евентуалниот пропуст на службите, се вели во соопштението од народниот правобранител.